Премиерот Груевски на отворена трибина пред Велешани говореше за политиките на општественото живеење и одговараше на прашања
Во преполната сала „Бели Мугри“ во локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, претседателот на Владата Никола Груевски заедно дел од министрите, членовите на ВМРО ДПМНЕ и соработниците одржа директна средба со Велешани. Целта на трибината со граѓаните како што потенцираа од ДПМНЕ е барем еднаш годишно владиниот врв да се сретне со граѓаните и да поразговара отворено за сите позитивни и негативни работи но и за креирањето на политиките на општественото живеење. Велешани имаа можност од страна на премиерот Груевски и неговите соработници да добијат отчет за она што досега Владата го има сработено, што има во план да сработи во иднина и на крајот да постават прашања. Груевски проговори за светската економска криза, за мерките кои што Владата ги воведе со цел да се ублажи економскиот удар, за порастот на БДП во 2007 година на 5.9 % и намалувањето на истиот во 2008 на 5 %, за влезот на странски инвестиции во државата, за зголемувањето на платите на администрацијата, за зголемувањето на пензиите и низа други проекти.
„Донесовме неколку пакети на анти кризни мерки, дозволивме на фирмите делумно да им се отпише, да им се даде грејс период и да ги враќаат на рати заостанатите долгови и со тоа да не се ликвидираат. Воведовме намалување на даноците за земјоделците за 80 %, ги намаливме царините за сите репроматеријали, а данокот на добивка го намаливме на 0 % за сите фирми кои што нема да го распределат за дивиденда“ истакна премиерот Груевски.
Меѓународниот монетарен фонд објави извештај во кој наведе дека Република Македонија е една од државите која што најдобро се снајде за време на светската економска криза од државите од цел Југоисточен регион и со тоа докажавме дека оваа држава има капацитет да може сама да се справи и да постигнеме трети по ред економски резултат во Европа за 2009 година потенцираше Груевски. Се надеваме дека оваа година ќе биде година на бавно но постепено и сигурно заздравување од светската економска криза а доказ за тоа е податокот дека индустриското производство за една година пораснало за 20 % нагласи Груевски. Најголем дел од реформите кои што ги започнавме и ветувањата кои што ги дадовме на граѓаните продолживме да ги реализираме, како што се субвенционирањето на земјоделските производители, првпат во Македонија сите ученици од основно и средно образование добија бесплатни учебници за следење на наставата, отворивме нови универзитети, дисперзирани студии во поголем дел од градовите, го развиваме здравството, социјалата и трудот и воопшто во сите делови за кои ветивме промени истакна Груевски.
„Се надевам дека ако работите одат според предвидувањата би требало оваа година кризата постепено да замине и од следната година да се вратиме на патеките а висок економски раст. Истовремено ние продолживме со предвидените реформи и се она што го кажавме на изборите го продолживме а само дел од активностите одложивме но не ги откажавме“ истакна Груевски.
Ќе се посветиме на решавањето на проблемите и тоа е она што не разликува од нашите опоненти, се бориме против корупцијата и митото, во судството ќе продолжиме со реформите и она што го ветивме на граѓаните на изборите ќе го реализираме потенцираше Груевски. Работевме напорно и го добивме позитивниот извештај од ЕУ и сите потребни реформи но за жал заради блокадите од Грција не станавме членки на НАТО но успеавме да издејствуваме визна либерализација потенцираше Груевски.
„И во минатата и во оваа година наша приоритетна цел остануваат Евроатланските интеграции, ја остваривме визната либерализација по напорна работа од три години ние на 19-ти Декември официјално добивме кревање на рампата кон Европската Унија“ изјави Груевски.
Ние ќе продолжиме со преговорите и со напорите и ќе се бориме да се дојде до некое решение но не било какво решение по било која цена кога станува збор за името на нашата држава истакна Груевски. Граѓаните се добро запознати со сите придобивки за влез во ЕУ и НАТО и со сите можни штети во однос на евентуални отстапки, ние сме мала држава но имаме голема волја и имаме голема сила да продолжиме со Евроатланските аспирации и со внатрешните промени потенцираше премиерот Груевски. На трибината покрај премиерот Груевски на Велешани им се обратија и дел од владиниот кабинет а потоа Велешани имаа можност да поставуваат прашања до премиерот и министрите.