Народниот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот, по 50 – ти пат ја изведе претставата Стрип Шекспир во режија на Коле Ангелосвки. Со оваа претстава Велешкиот театар има настапено на повеќе реномирани театарски фестивали во Република Македонија како што се: Фестивалите „Скопско лето“ во Скопје, “Војдан Чернодрински„ во Прилеп, “Денови на комедијата„ во Куманово, “Недела на културата„ во Виница, но и низа гостувања на меѓународни театарски фестивали во Сплит, Хрватска, во Сараево, Босна и Херцеговина, во Ереван, Ерменија, и во Санкт Петербург, Русија каде што претставата е наградена со Гран при- награда за најдобра претстава.
Првата изведба на претставата е пред 6 години на 13-ти Април 2002 година на сцената на Велешкиот театар со актерската постава на следниве актери: Слободанка Чичевска, Зорица П. Панчиќ, Викторија Терзиева која сега ја заменува Кети Борисовска, Зоран Љутков, Владимир Ѓорѓиоски и Васил Зафирчев. Претставата „Стрип Шекспир“ е работена врз основа на текстот на тројцата американски автори и актери, Џес Боргесон, Адам Лонг и Даниел Сингер и е режирана од познатиот македонски режисер Коле Ангеловски. Костимографијата е од Раде Василев, сценографијата е на Илина Ангеловкса, музиката на Димитрија Бужаровски а кореографијата е на Кренаре Невзати.
Претставата е една стрип варијанта, современа и македонска во која релаксирано и во скратена верзија се претставени 5-те најтажни драми на Вилијам Шекспир: Отело, Ромео и Јулија, Магбет, Ричард трети и Хамлет. Во неа е претставена љубовта, љубомората, плачењето и смеењето преку актерите кои со својата сценска адаптација се трансформираат, променувајќи 40-тина костими, создавајќи сензационална 90 минутна комедија. По повод 50 – то издание на претставата, на режисерот Ангеловски му беше врачено копаничарско дело изработено од копаничарот Љубомир Бисин. Коле Ангеловски изјави дека никаде нема да може се состави ваква актерска екипа.