Доделена наградата за животно дело Петре Прличко

Во Македонскиот Народен Театар во Скопје се додели наградата „Петре Прличко“ за 2007 година. Општина Велес, Здружението на драмските уметници на Македонија и Народниот Театар Ј.Х.К.Џинот од Велес традиционално по втор пат ја доделија наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2007 година. Врз основа на конкурсот кој што бил распишан за доделување на наградата, комисијата во состав: Зоран Љутков, Александар Ѓеорѓиев и Тодор Кузманов од пристигнатите предлози едногласно ја донеле одлуката наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2007 година да ја доделат на актерот Емил Рубен.
Наградата се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и паричен износ од 60 000 денари. Паричниот износ е обезбеден половина од Општина Велес а другата половина оваа година ја обезбеди Здружението на драмските уметници на Македонија. За наредните години Националната установа, Центарот за култура Ј.Х.К.Џинот ја задржува обврската за учество во паричниот износ во висина од 30 000 денари. Емил Рубен повеќе од 30 години глуми во класичниот репертоар на МНТ. Во својот актерски опус има одиграно повеќе претстави меѓу кои се „Под Пирамидата“ „Тесен пат кон далечниот север“ „Животот на Галилеј“ и други.
Она пресудното поради кое и ја добива наградата е тоа што во изминатите години толкува улоги од класичниот репертоар кои се поклопуваат со актерското остварување на Прличко. Такви се улогите во „Ревизор“ „Сомнително Лице“ „Црнила“ „Балканот не е мртов“ „Глембаеви“ „Антигона“ „Среќна Нова 49-та“ и други.
Емил Рубен е актер од постарите генерации на македонската глума, кој според критиките на јавните гласила и критичарите ја заслужува наградата „Петре Прличко“ поради неговата одговорна, вредна, пластична изведба на Жика во претставата „Сомнително Лице“ со што преку пожртвуваната работа овозможува заедно со другата актерска екипа повторно да го оживеат хитот кој Петре Прличко го глумеше долги години на театарската сцена во МНТ.

 
Copyright CD Radio 2006 | All Rights Reserved