Ден на дрвото – Засади ја својата иднина

Презентиран е проектот Ден на дрвото – Засади ја својата иднина во големата сала на општина Велес. Членови на иницијативниот одбор на акцијата изјавија дека целта на оваа акција е да се засадат повеќе од 2 милиони дрва во Македонија, а само во околината на Велес ќе бидат засадени 200 000. Владата на Р Македонија се приклучи на иницијативата на група граѓани составенa од познати културни работници, естрадни уметници, новинари , претставници на бизнис секторот, образованието, науката и културата предводени од Борис Трајанов и Бубо Каров, и додели повеќе од 2 милиони дрва. Македонски шуми одредуваат локации и дрва кои се соодветни за одредената локација. Во акцијата се вклучи ЗЕЛС , при што сите градоначалници се согласија да учествуваат во проектот. Се сади на 30 локации во Македонија во близина на градовите, особено на опожарени површини. Една од придобивките на оваа акција е да не обедини, изјави Томе Костадиновски, член на иницијативниот одбор. Оваа акција нема политичко, религиозно или национално обележје. Потребата за ваков вид на акција веќе постои а резултатите ќе бидат позитивни и на локално и на регионално ниво. Централната граѓанска акција за пошумување е предвидена за 12 ти март оваа година. На територијата на Велес предвидено е да бидат пошумени околу 70 хектари деградирана и опожарена површина.
Градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски ги повика сите граѓани да се вклучат во акцијата.Основната порака е дека не е доволно да засадиме само дрво, туку да ја негуваме културата и нашиот однос кон природата и да ги чуваме шумите.

 
Copyright CD Radio 2006 | All Rights Reserved