Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес во детското одделение при ЈЗО Општа Болница Велес одржа свеченост на која ја предаде донацијата вредна 360 000 денари за доопремувањето на детското одделение обезбедена со проектот „Насмевка во пижами“. На свеченоста покрај организаторите на проектот од Фондацијата „Фокус“ присуствуваа и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, директорот на ЈЗО Општа Болница Велес, Ванчо Граматов, персоналот на детското одделение, вработените од Болницата и донаторите кои ја поддржаа целата акција. Целта на проектот беше да се соберат што е можно повеќе финансиски средства од сите можни локални извори за да се доопреми детското одделение при Општата болница во Велес и да се зголеми јавната свест на граѓаните во насока на развој на локалната филантропија.
Вработените во детското одделение се задоволни од направеното и се надеваат дека и во иднина ќе се организираат вакви и слични проекти со кои ќе им се помогне на оние на кои што помошта им е неопходна. На пригодната свеченост се изврши предавање на материјалните средства, се поделија пижами, постелнина, прибор за јадење, сликовници, лектирни изданија, играчки и се пушти во употреба новата игротека во рамките на детското одделение.
Подготовката за проектот е започната во текот на летниот период а во септември кога е добиена согласноста од донаторот за поддршка на проектот започнува акцијата за реализација и организација на истиот.
Извршниот директор на фондацијата „Фокус“, Весна Шкортова се надева дека со оваа акција и со собраните средства е подобрен амбиентот за престој на децата кои се лекуваат на детското одделение. Во наредниот период планирано е да се обезбеди и дел од апаратите кои се неопходни на детското одделение се со цел да се подобри лекувањето на децата и да се обезбеди она што Општата Болница го нема и не може да го добие подолго време.
Реализацијата на проектот „Насмевка во пижами“ започна со спортскиот натпревар на македонските асови против асовите на Велес а заврши со четвртата Велешка Питијада. Во рамките на проектот се организираше и „Тивка Аукција“ во соработка со ДЛУМ од Велес на која познатите уметници од Велес, Чашка, Охрид, Прилеп и Скопје ги донираа своите дела и низ трговската мрежа во градот беа поставени донаторски касички во кои граѓаните на Велес можеа да донираат сопствени средства.
Прибраните средства низ реализираните активности од проектот „Насмевка во пижами“ се дуплирани од страна на Центарот за институционален развој ЦИРА, преку фондови од Проектот за зајакнување на граѓанското општество финансиран од страна на Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД. Целосниот проект го реализираше фондацијата „Фокус“ од Велес, а истиот се реализира во рамките на Програмата за грантови и за филантропија раководена од Центарот за институционален развој ЦИРА, во рамките на Проектот за зајакнување на граѓанското општество.
Проектот е финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД, а имплементацијата е од страна на Институтот за трајни заедници, ИТЗ. На свеченоста се доделија и благодарници за хуманост на донаторите, поединците, локалната самоуправа, локалниот бизнис сектор и на локалните медиуми кои ги поддржаа активностите за мобилизирањето на финансиските средства.