Промовирана Монографијата 150 години Гимназија Кочо Рацин

По повод трите јубилеи-100 години од раѓањето на Коста Солев Рацин, 65 години од неговата смрт, 45 години од востановувањето на меѓународната литературна манифестација „Рацинови Средби“ во контекст на прогласувањето на 2008 година за година на Рацин, Општина Велес и Гимназијата „Кочо Рацин“ ја промовираа монографијата „150 години Велешка Гимназија“. На промоцијата на книгата присуствуваа градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, директорката на Гимназијата „Кочо Рацин“ Стеванка Богоевска, основачот на фондацијата „Рамковски“, Велија Рамковски, Велешкиот писателот, Васил Тоциновски, членовите на Советот на Општина Велес и дел од поранешните и сегашните наставници и ученици од Гимназијата „Кочо Рацин“. Во ноември 2007 година Велешката Гиманзија „Кочо Рацин“ го прослави јубилејот 150 години постоење и работа и во текот на изминативе 15 децении со право го носи епитетот прва гимназија во Македонија и на Балканот со овие зборови го започна својот говор градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Во монографијата се сублимирани сите историски и општествени детали кои Велешката Гимназија ја издвојуваат како институција од посебено значење за развојот на македонското образование. Со промовирањето на монографијата „150 години Велешка Гимназија“ всушност и започнува одбележувањето на годината на Рацин а токму Гимназијата ќе ја има и честа да ја затвори истата со одбележувањето на патронатот на 22-ри Декември годинава. За мотивите и поводот како идејата за монографијата се преточи во конкретно дело проговори директорката на Гимназијата „Кочо Рацин“, Стеванка Богоевска.

Во 1957 година по повод 100 години од постоењето на Гимназијата се промовираше првата монографија а дваесет години подоцна во 1977 година се промовираше и втората монографија посветена на Велешката Гимназија. За создавањето на монографијата заслужен е тимот во состав: Васил Тоциновски, Јовица Темов, Катица Чадиева, Јасмина Најдовска, Игор Крајчев, Горан Грков, Весна Павлова, Трајче Михалјов. За монументот Рацин-човекот кој го воспеа Велес проговори одговорниот уредник на тимот кој работел во подготвувањето на монографијата, писателот Васил Тоциновски.

Со монографијата се дава едно ново толкување на Рацин и неговото дело и се заокружуваат 150-те години на гимназиското образование во Велес. Во неа се наоѓаат обработени делови за Рацин, неговиот живот, неговите корени, за Раца, за размислувањата на видни професори од Македонија за делото на Рацин од страна на Игор Крајчев и Јасмина Најдовска и на крај се наоѓаат двете наградени песни распишани на литературниот конкурс во Гимназијата на учениците, Дона Алексиќ и Васил Божикалиев. На промоцијата проговори и Велешкиот поет, Игор Крајчев а пред присутните во салата, учениците од Гимназијата „Кочо Рацин“ наградени на литературниот конкурс за песна, Дона Алексиќ и Васил Божикалиев ги прочитаа своите песни. Истотака свое обраќање имаше и Јосиф Таневски од Фондацијата „Борјан Таневски“ кој објави дека на Велешката Гимназија и подарува 150 книги со 36 наслови како збогатување на нејзиниот библиотечен фонд.

 

 

 

 

 

 

 


 
Copyright CD Radio 2006 | All Rights Reserved