Во Големата Сала на Општина Велес се одржа премиерата на филмот „Јас сум од Титов Велес“ во режија на Теона Стругар Митевска. Ова е првото прикажување на филмот по неговото претставување на 58-от Интернационален Филм Фестивал пред неколку недели во Берлин, Германија. На премиерата на филмот покрај сестрите и братот Митевски присуствуваа градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, членовите на Советот на Општината, дел од екипата која учествувала во реализацијата на филмот и дел од бизнис секторот на Општина Велес.
Филмот е комплетно дело на Sisters and Brother Mitevski production, Теона Митевска е режисер а Лабина Митеска се јавува како продуцент и актер во филмот. Главните улоги во филмот ги играат Лабина Митевска, Николина Кујача, Ана Костовска, Џевџет Јашари и Петар Мусевски. Филмот е приказна за трите сестри Афродита, Славица и Сафо кои со сите сили се борат да преживеат во бескурполозното општество и безизлезната средина која ги опкружува. За пораката која што филмот сака да ја пренесе и за импресиите по промоцијата проговори и Лабина Митевска.
Лабина откри дека со својата сестра Теона веќе започнале да се ангажираат околу новиот проект кој повторно ќе се однесува на градот Велес. Новото сценарио Теона веќе го започнала и се очекува по година ипол да се премине кон реализација на истото.
На промоцијата на филмот присуствуваше и дел од главната актерска екипа меѓу кои и Џевџет Јашари кој истотака прокоментира за импресиите и емоциите по премиерата и за делот и атмосферата за време на снимањето на филмот во Велес.
Филмот „Јас сум од Титов Велес“ до сега се има прикажано на филмските фестивали во Берлин, Сараево, Торонто, Белград а во Велес љубителите на филмот ќе имаат можност да го видат и на редовни проекции кои ќе се одржат во Големата Сала на Општина Велес на 26, 27, 28 и 29 Февруари со почеток во 18 и 20 часот. Билетите веќе се пуштени во продажба во пицеријата „Снупи“ со цена на билетот од 120 денари.