Во ресторан „Розе Сала“ одржан работен состанок на 3-те ограноци на Здружението на припадниците на безбедносните сили „Достоинство“

Здружението на припадниците на безбедносните сили „Достоинство“ одржа работен состанок во ресторан „Розе Сала“ во Велес. На состанокот присуствуваше членството на 3-те локални ограноци од Велес, на полицискиот, армискиот и огранокот на резервисти, а се презентираа досегашните активности околу граѓанската иницијатива за предлог законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства и за тековните прашања и проблеми со кои што во овој период се судрува здружението.

Претседателот на здружението на припадниците на безбедносните сили „Достоинство“, Стојанче Ангелов ги извести присутните припадници на безбедносните сили за текот на акцијата за собирањето на потписите и за тешкотиите со кои се судриле при нивното собирање.

Ангелов нагласи дека досега се собрани околу 30 000 потписи, но напомена дека бројката не е поголема поради тоа што на повеќе села се наоѓа по една месна канцеларија, подрачните одделенија не се доволно одбележани и има проблеми со собирањето на потписите од страна на некои од службениците кои се задолжени за тоа.

Но генерално земено од здружението се задоволни со досегашната бројка со напомената дека поддршката што припадниците ја имаат од граѓаните и бројот на потписи не кореспондира бидејќи има многу голема поддршка од граѓаните но бројот на потписи е помал. Здружението на припадниците на безбедносните сили „Достоинство“ на 1-ви Август ќе ги повлече списоците за собирање на потписите, каде потоа ќе бидат предадени во Собранието на Република Македонија кое е што е должно во рок од 30 дена да започне расправа за предлог законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства.

Во предлог законот се бара на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства да им се утврдат следните посебни права: Ослободување од учество со лични средства при користење на здравствени услуги, вработување, стамбено згрижување, еднократен паричен надоместок, права од областа на образованието, надомест за рехабилитација, работен стаж во двојно траење, семејна пензија, остварување на предвремена пензија, сместување во старечки домови и одбележување на местата каде што загинале припадници на безбедносните сили.

На работниот состанок се продискутира и за 2-те иницијативи со кои локалните ограноци на здружението во Велес ќе поднесат барање до градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски и до Советот на Општина Велес за да се удостојат припадниците на безбедносните сили во конфликтот од 2001 година. првата иницијатива се однесува за подигнување на спомен-обележје за загинатите припадници на безбедносните сили а втората иницијатива е да се именува улица во Општина Велес за трагично загинатиот припадник на специјалните сили „Тигри“, Оливер Китановски.

За иницијативите проговори претседателот на полицискиот огранок на здружението во Велес, Лазе Наумов, кој напомена дека до сега се направени индивидуални состаноци и средби со советниците на Советот на Општина Велес од кои се добиени позитивни оцени по однос на иницијативите. Сега се очекува да се достави писмено барање до градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски по однос на 2-те иницијативи па потоа доколку градоначалникот се изјасни позитивно ќе следи поднесувањето на барањата во Советот на Општината и нивно гласање.


 

 

 

 

 

 

 


 
Copyright CD Radio 2006 | All Rights Reserved