Известување од шумско стопанство „Бабуна“-Велес

Од јавното претпријатие „Македонски Шуми“-Скопје, подружница, шумско стопанство „Бабуна“-Велес известуваат дека согласно наредбата од Министерството за Земјоделство, Шумарство и Водостопанство-Скопје на сите граѓани на Велес и околината им се забранува движење во шума или во одделни нејзини делови. Забраната за движење во шума или во одделни нејзини делови се однесува за периодот од 9-ти Јули до 30-ти Септември 2008 година. Физичките лица можат да се движат низ шума исклучиво со одобрение на подружницата шумско стопанство „Бабуна“-Велес. Сите заинтересирани лица пред да им се издаде одобрение должни се во писмена форма да поднесат барање за движење во шума во кое ќе ги наведат личните податоци за идентитетот, причината за престој во шума и местото каде ќе се движат во шумата. По издавањето на одобрението за движење во шума, подружница шумско стопанство „Бабуна“-Велес е должна да ги пријави сите податоци за идентитетот на лицето, причината и местото за престој во шума да ги пријави и во Шумската полиција, редовната полиција и во Дирекцијата за заштита и спасување во Општина Велес. Од подружница, шумско стопанство „Бабуна“-Велес ги известува граѓаните на Општина Велес и околината дека без одобрение се забранува движење на лица во излетнички места и палење на оган на отворено или во шума.

14.07.2008

Ликовна изложба на Јован Шумковски и Антони Мазневски во Ликовниот Салон во Велес

Во соработка помеѓу Народниот Музеј од Велес и Дирекцијата за култура и уметност од Скопје, отворена е изложбата на македонските претставници на Венецијанското Биенале, Јован Шумковски и Антони Мазневски во Ликовниот Салон во Велес. Шумковски е претставен преку инсталација со која преку печатени и сликани виденија отпечатени на платно се навраќа кон темата на градот Скопје. Мазневски пак е претставен со три скулптури во дрво. Изложбата патува низ Македонија а Велес е седмиот град во кој гостува.

Директорот на Народниот Музеј – Велес, Спасе Перовски, кој ја отвори изложбата, најави дека во текот на ова лето, во соработка со Дирекцијата за култура и уметност од Скопје ќе се организираат уште неколку изложби.

04.07.2008


Општина Велес се закити со признанието за добро управување на свеченото доделување на наградите во хотел „ Holiday Inn “ во Скопје

 

Во рамките на проектот на ФИООМ „Проценка на потенцијалот за добро управување во Македонија“ во хотел „Holiday Inn“ во Скопје се организираше свеченоста за доделувањето на признанијата за добро управување. На отворениот конкурс на кој што се пријавиле 26 институции само три ги понесоа признанијата за најуспешна имплементација на принципите на доброто управување.

Општина Велес се закити со признанието за добро управување во категоријата: единици на локалната самоуправа кое е во вредност од 10 000 долари. Признанието во категоријата: органи на државната управа го понесе - Царинската управа на Република Македонија а во категоријата: други органи на државната управа/организации на централно ниво признанието го понесе - Агенцијата за супервизија на капитално финансиско пензиско осигурување (МАПАС).

Одлуката овие институции да ги добијат признанијата ја донела пет члената комисија според однапред подготвен прашалник пополнет од страна на пријавените институции на отворениот конкурс и според евалуацијата на дополнителните критериуми.

Сите институции кои што ги добија признанијата имале можност да достават предлог-проекти до ФИООМ во контекст на доброто управување, во зависност од нивните приоритети и потреби.

По разгледувањето на пристигнатите проекти, Управниот одбор на ФИООМ ги одобрил поднесените предлог-проекти на следниве теми: на Царинската управа на Република Македонија за воведување на електронско учење, на Општина Велес за промоција на корпоративната општествена одговорност за подобрување на околината преку партиципативно учество на заедницата и на агенцијата МАПАС за зајакнување на капацитетите на човечките ресурси.

Добиените 10 000 долари парични средства, Општина Велес ќе ги искористи за целосна реконструкција на Младинскиот Парк во Велес. На свеченоста на доделувањето на признанијата со свое обраќање пред присутните гости во воведниот дел на свеченоста се претставија, претседателот на Управниот одбор на ФИООМ, Гордана Дувњак и претседателот на жири комисијата за доделување признанија за добро управување, проф. д-р. Драгољуб Арсовски кои го презентираа тригодишниот проект и неговите активности реализирани во досегашниот период.

На свеченоста со свое обраќање се претставија и добитниците на признанијата, од Царинската управа на Република Македонија, Ванчо Каргов кој даде објаснување на проектот за воведување систем на електронско учење, од Општина Велес, градоначалникот Аце Коцевски кој даде осврт за проектот за промоција на корпоративната општествена одговорност за подобрување на околината преку партиципативно учество на заедницата и од агенцијата МАПАС, Зорица Апостоловска која даде осврт за проектот за зајакнување на капацитетите на човечките ресурси.

За предизвиците на институциите за спроведување на принципите за добро управување во завршниот дел на свеченоста проговорија и проф. д-р Борче Давитковски и м-р Герман Филков, членови на комисијата за доделување на наградите за добро управување.

03.07.2008


Во црквата „Свети Пантелејмон“ во Велес одиграна претставата „Сердарот-засекогаш љубов“ и прикажан филмот „Како свеќа“

Во црквата Свети Пантелејмон во Велес во склоп на прославата на 20-годишнината од возобновувањето на театарот „Скрб и утеха“ во организација на Културниот Центар и театар „Скрб и утеха“ од Скопје во соработка со Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес се одигра театарската претстава „Сердарот-засекогаш љубов“. Во акустичната атмосфера актерите на двата театри пред љубителите на театарската уметност го преточија текстот кој зборува за љубовта кон жената, сцената и земјата се со цел да се изедначи театарот и животот. Театарската претстава „Сердарот-засекогаш љубов“ е копродукција на театарот „Скрб и утеха“ и велешкиот народен театар „Ј.Х.К.Џинот“ работена на текстот и режијата на Тихомир Стојановски.

Актерската екипа ја сочинуваат: во ликот на Скомрах-Јордан Витанов, во ликот на Воскресија-Зорица П.Панчиќ, во ликот на Мугра-Слободанка Чичевска, во ликот на Черен-Страшко Милошевски, во ликот на Апостол-Едмонд Сотир и во ликот на Скомрах-Тихомир Стојановски. Музиката е на Јане Пенов а костимите и сценографијата на К.Ц.“Скрб и утеха“ и Н.Т. „Ј.Х.К.Џинот“.

Истата претстава својата театарска премиера ја има одиграно минатата година во автентичната и неповторлива атмосфера и опкружување во Манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. Пред одигрувањето на претставата се прикажа документарниот филм „Како свеќа“ снимен за време на гостувањето на истата претстава кај Македонците во Пиринско, Република Бугарија.

Филмот е во продукција на „Дион“ при К.Ц. .“Скрб и утеха-Тиха“, во копродукција на “Скрб и утеха“ и телевизија „Сонце“. Режијата и сценографијата истотака се на Тихомир Стојановски кој на оригинален начин без прикривање на реалноста зборува за правата на Македонците во Република Бугарија и македонската јасновидка, баба Ванѓа.

01.07.2008


Свечено затворање на 5-тиот Интернационален Фолклорен Фестивал „Велес“ 2008

Со свечена програма одржана во преполниот Амфитеатар во Младинскиот парк во Велес се затвори традиционалниот 5-ти по ред Интернационален фолклорен фестивал „Велес“ 2008 на кој оваа година од земјава и странство пред велешани се претставија 11 фолклорни ансамбли. Во 4-те денови на локациите во Амфитеатарот во Младинскиот театар и во ракометното игралиште во населба Тунел фолклорните ансамбли изведуваа ора, игри и песни од своите земји и преку фолклорната нишка направија мост на традицијата и културата. На фестивалот настапија 6-те странски ансамбли на Републиките КостаРика, Србија, Хрватска, Полска и Унгарија а од домашните настапија ансамблите од Велес, Скопје, Битола, Чашка, Градско и Оризари. Велешани имаа можност преку традиционалното дефиле кое го означи почетокот на фестивалот да ги погледнат фолклорните ансамбли кои од ООУ „Васил Главинов“ продефилираа низ велешките улици „Благој Ѓорев“, „Маршал Тито“ и „Алексо Демниевски“, во 4-те фестивалски денови да ги погледнат настапите на ансамблите и да присуствуваат на свеченото затворање на истиот. На манифестацијата одржана по повод свеченото затворање на 5-тиот Интернационален фолклорен фестивал „Велес“ 2008 пред Велешани со завршен концерт се претставија сите странски учесници, Велешките културно-уметнички друштва „Јекипе“ и „Вила Зора“, културно-уметничките друштва од Тетово, Прилеп, Кичево и Виничани а најмладите од Детската Градинка „Димче“Мирчев се претставија со свој настап одигран на музиката од познатата велешка чалгија. На сите ансамбли учесници на интернационалниот флклорен фестивал „Велес“ 2008, организацискиот одбор на Фестивалот им додели признанија за учество. Фестивалот оваа година е финансиран од Буџетот на општина Велес и Амбасадата на Кралството Холандија.

29.06.2008


Одбележување на Јуни-Месецот на Петре М.Андреевски во Велес

Во организација на фондацијата „Рамковски“ и Општина Велес во годината кога Велес и Велешани ја одбележуваат 2008 како година на Коста Солев Рацин во Големата Сала на Општината симболично се одбележа Јуни-месецот посветен на Петре М.Андреевски. Фондацијата „Рамковски“ и оваа година продолжувајќи ја традицијата објави конкурс за доделување на наградата „Петре М. Андреевски“ на кој писателите и поетите од Македонија можеа да конкурираат за престижната награда. Честа да ја понесат наградата оваа година имаа: Мишко Живковски за збирката поезија „Ние“ и Велешанецот Миле Анастасов за збирката раскази „Бел Погреб“. За наградената збирка раскази и за самиот добитник проговорија директорот на фондацијата „Рамковски“ Миле Барбаровски, минатогодишната добитничка на наградата „Петре М. Андреевски“, Анета Василева и актерот Славко Нинов. Добитникот на наградата „Петре М. Андреевски“ за 2008 година за најдобра збирка раскази, Велешанецот Миле Анастасов е автор на збирката драмски текстови „Средба на Калдрмата“, на поесите „Сербес Донка“ „Долна Црква“ „Стечај“, има изведувано повеќе драмски текстови на сцената на Народниот Театар „Ј.Х.К.Џинот“ во Велес и на Народниот Театар „Антон Панов“ во Струмица. Автор е на театарски рецензии објавувани во весниците „Нова Македонија“ „Вечер“ „Театарски Гласник“ „Сцена“ „Студентски Збор“ и е основач на театарската дружина „Одвај се собравме“ формирана при Сојузот на студенти на Филолошкиот факултет во Скопје. Во вториот дел од програмата посветена за чествувањето на делото на Петре М. Андреевски се прикажа краткометражен, документарен филм посветен на Петре М. Андреевски и се читаа стихови од делата на Андреевски.

27.06.2008



Од 11-ти до 13-ти Јуни Општина Велес ги организира „45-тите Јубилејни Рацинови Средби“

 

Советот на Општина Велес приклучувајќи се на одбележувањето на 2008 како година прогласена на македонскиот јазик ја донесе одлуката 2008 година да се прогласи за „Година на Рацин“ во контекст со одбележувањето на 3-те големи и значајни јубилеи поврзани со името и делото на Рацин. Општина Велес во „Годината на Рацин“ ги одбележува јубилеите: 100 години од раѓањето на Рацин, 65 години од трагичната смрт на Рацин на Лопушник и 45-те Јубилејни Рацинови Средби. За таа цел градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски одржа прес-конференција на која ја презентираше програмата на 45-те Рацинови Средби за 2008 година. Меѓудругото градоначалникот Коцевски ја презентираше информацијата дека 45-те Рацинови Средби оваа година ќе се одвиваат во деновите од 11-ти до 13-ти Јуни. Коцевски на прес-конференцијата проговори за значењето кое што Рацин го има за Велешани и општо за македонската литература со зборовите дека:

„Рацин е најталентираниот и најголемиот македонски поет на сите времиња и Велешани се должни да му оддадат почит за неговиот незаменлив придонес за втемелувањето на современата македонска литература и за се она што Рацин го остави во наследство.“ Имено градоначалникот Коцевски упати покана до сите граѓани на Велес да се придружат во чествувањето и да ги посетат сите манифестации кои ќе бидат организирани во рамките на Рациновите Средби.

45-те Јубилејни Рацинови Средби ќе започнат на 11-ти Јуни во 18:45 часот со положување на цвеќе во Спомен-костурницата под наслов „Сто рози за Рацин“, потоа во 19 часот ќе се оддаде почит пред споменикот на Рацин на плоштадот во центарот на Велес, во 19:15 часот ќе се оддаде почит пред споменикот на Рацин во ОСУ Гимназија „Кочо Рацин“, во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата за Рацин на Народен Музеј-Самобор во Ликовниот Салон во Велес и во 20:30 часот ќе започне централната манифестација на свеченото отварање на „45-те Рацинови Средби“ во Амфитеатарот во Младинскиот парк каде ќе настапат: хорот „Мирче Ацев“, маестро Борис Трајанов, ќе се одржи меѓународен поетски митинг, поздравното обраќање на градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски и беседата на Рацин од страна на претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Георги Старделов.

Програмата на „45-те Рацинови Средби“ продолжува на 12-ти Јуни со симпозиумот на тема „Рацин и Богомилството“ со почеток од 11 до 14 часот на кој под раководство на проф. д-р. Кристина Николова во Големата Сала на Општина Велес ќе дискутираат еминентни научници од Македонија и странство, потоа во 19 часот е посетата на Спомен куќата на Кочо Рацин и во 20 часот е завршната јубилејна вечер во Амфитеатарот во Младинскиот парк каде ќе се врачат Рациновото признание и почесното Рациново признание за 2008 година по што ќе следи концерт на Биља Крстиќ и Бистрик оркестра. На 13-ти Јуни со почеток во 11 часот на Лопушник во Општина Другово ќе се одржи пригодна програма пред спомен-обележјето на Рацин на која ќе учествуваат поети од Македонија и странство, ученици од ОСУ Гимназија „Кочо Рацин“ од Велес и учениците од општините Другово и Кичево.

Жирито за доделување на наградата „Рациново признание“ за 2008 година во состав: претседател, Венко Андоновски и членови: Гане Тодоровски и Петре Бакевски од пристигнатите книги ја донел едногласно одлуката Рациновото признание за 2008 година да му се додели на писателот Луан Старова за неговиот роман „Потрага по Елен Лејбовиц“ издание на Матица Македонска од Скопје, 2008 година. На конкурсот за доделувањето на Рациновото признание се пријавиле 8 автори од кои во потесен круг влегле 4 по што комисијата по темелна расправа одлучила наградата да ја додели на писателот Луан Старова.

Со зборовите дека: романот на Старова е најдобрата можна прослава на онаа „трета страница на литературата“ односно-конечната цел на секоја естетика на рецепцијата-неговото височество Читателот, кој во наше доба има се поголема улога во оформувањето на конечното уметничко дело. Така е и со романот „Потрага по Елен Лејбовиц“ каде писателот остава зад себе текстови, но текстот не е уметничко дело, делото сепак го создава, во својот ум и во своето срце-Читетелот“ проф. д-р. Венко Андоновски ја даде оценката и критиката за наградениот Старова.

Организациониот одбор на културната манифестација „Рацинови Средби“ со претседателот, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, Почесното Рациново признание за 2008 година го доделува на истакнатиот чешки научник-славист, Иван Доровски за афирмацијата на македонската литература и култура во Република Чешка како шеф на катедрата за балканистика на Универзитетот во Брно, Чешка.

За организирањето на Симпозиумот на тема „Рацин и Богомилството“ на прес-конференцијата проговори и раководителот на симпозиумот и членот на организациониот одбор за доделувањето на почесното Рациново признание за 2008 година, Кристина Николова. Николова напомена дека: „Оваа година со самото организирање на симпозиумот покажуваат слух за празнините во науката кои до сега не се истражени и го претставуваат Рацин како најголемото културолошко „сонце“ на 20-тиот век“. На симпозиумот ќе учествуваат 15-тина Рацинолози од кои 1/3 ќе бидат од странство кои ќе говорат за Рацин и неговата наука и поезија.

04.06.2008


Copyright CD Radio 2006 | All Rights Reserved